Некогашниот капитен на Манчестер Јунајтед и легендата на ирскиот фудбал, Рој Кин, признал дека имало многу тензија во однос со својот тренер Сер Алекс Фергусон.
Двајцата соработувале цели 12 години, а во текот на заедничкиот мандат на Олд Трафорд испишани се некои од најневеројатните страници во историјата на фудбалот.
Во разговор со поранешниот соиграч на Црвените ѓаволи, Гери Невил за „Скај“, Кин признал дека често не му ја кажувал вистината на Фергусон за своите ноќни лудории.

„Алекс често ќе ме издвоеше од групата и ќе ми кажеше: Синоќа си излегол во Манчестер и си се вратил дури во 2 и 30 часот по полноќ. Јас на тоа ќе му одговорев: Да, но тоа не е кршење на 48-часовното правило во нашиот договор. Често влегувавме во конфликт и потоа тој ќе ме прашаше: Колку алкохол си испил? И, тогаш го лажев. Ќе му кажев можеби 10 или 11 шишенца. Тој ќе се чудеше: 10 или 11? Да му ја кажев вистината дека тоа беше само за еден час, а не во текот на цела вечер…“, изјавил Кин.
Без оглед на сè, Кин често се извлекувал од непријатни ситуации:
„Мала бела лага, малку ќе се смеевме и сè нормално ќе продолжеше да тече. Ништо не би менувал за тоа. Често бев на мета во вторник наутро, значи утрото по слободниот ден. Во саботата би размислувал, подобро да победиме поради тоа што излегуваме, зошто доколку менаџерот дознае за тоа ќе имаме проблем. Моравме да победуваме и да освојуваме трофеи за да го оправдаме начинот на живот кој го имавме“, признал Ирецот.
Инаку, Кин во Јунајтед стигнал во 1993 година, а го напуштил во 2005 година кога потпишал за Селтик.