АНКСИОЗНОСТ, Е ПА ШТО? Од „не ти е ништо, каков маж си ти“, си патиме

Иако сум жена, имам потолно разбирање за мажите кои се соочуваат со проблемот наречен анксиозност. Само што ним им е уште потешко, бидејќи се посилниот пол и никако не смеат да покажат слабост, за разлика од нас „понежните“ кралици на драмата.

Но луѓе мои, проблемот и кај жените и кај мажите е подеднакво страшен. Зарем треба некого да го исплескаме со збoрови само затоа што припаѓа на едниот или другиот пол?

Пред извесно време дознав за случка која прилично ме растревожи, па ме инспирираше да ја напишам темава. Иако пишувам многу ретко, но се надевам квалитетно.

Млад маж, околу 35-тата година, имал панични напади и живее сам, иако неговите блиски живеат во непосредна близина. Семејството, „видно возменирено“ ги предупредиле комшиите да не му помагаат и да не му удоволуваат бидејќи тој барал внимание и не му било ништо.

Комшиите не потклекнале на притисокот на семејството и заминале да му помогнат. Со разговор малку по малку го размрдале. Следниот ден, тој повторно виновен, зошто барал внимание.

Проблемот не е во човекот кој имал панични напади. Тој повторно ќе има. Проблемот е во нас, најблиските. Утре и комшиите ќе ги снема, секој со своите проблеми. И тој повторно ќе биде сам. Оттуѓен и од другите и од себе. Ќе мора да се научи да живее со паничните напади, ќе мора да се научи да живее со анксиозноста, а можеби и ќе прима и терапија по посетата на психолог.

Можеби. Ама довербата во семејството ќе ја изгуби… од оние кои му се најпотребни.

Како лице кое се соочува повеќе од 20 години со анксиозност, иако свесна сум за состојбата само шест од нив, добро знам колку значи поддршката и негирањето од најблиските. Добро сум запознаена со сите притисоци. Добро сум запознаена со сите навреди кои може да ги истрпи еден „анксиозен човек“.

И знам дека нема овде да заврши. Утре е тој, задутре ќе биде некој друг. Ова е случка за којашто сум слушнала, а уште колку ги има што не ги знаеме. Ехее…

„Ништо не ти е, каков маж си ти, плачко еден, ти ли утре семејство ќе заштитуваш…“

Ејј, колку лесно е да се изнакажат овие зборови кои предизвикуваат само контра-ефект кај „анксиозните“. Па тој уште повеќе се втиснува во себе и ја апсорбира сета негативна енергија. И накрај ќе експлодира.

Оставете го, подобро сам, отколку да му правите да му биде уште потешко. Оставете го, нека ги лекува сам своите рани. Оставете го сам нека се избори, отколку да го повредувате уште толку.

Не очекувам од никого да е психолог, тоа е посебно звање, тоа е посебна професија. Не очекувам ни да пукате од емоционална интелигенција. Не очекувам ни да сте пресолидарни, преемпатични, предобри. Не очекувам бидејќи не сте се нашле во таа ситуација.

Анксиозноста те учи на овие работи, за жал, како кога ученик кој имал цела година единица, научи за петка и знае повеќе од петкашите за накрај да добие двојка. Така некако, приморен си да знаеш повеќе.

Не очекувам да се смените. Ни денес, ни утре. Не очекувам ниту некогаш да разберете. Не очекувам ниту да пораснете емоционално. Не… тоа би било превише и би дошло до евентуално разочарување. А не сакам, доволно ми е разочарување.

Искрено изморена сум од очекување дека нешто ќе се промени, а и постојано да ве разбирам зошто мислите така, кои се вашите сфаќања. Само затоа што вас не ве интересираат нашите мисли, чувства и внатрешни демони. Затоа што ги сметате за глупост, претерување… а самите сте свесни дека анксиозноста е многу повеќе.

иѕвор: https://zenanazena.com/

Слични Вести
Menu