Нивото на морето во венецијанската лагуна може да се зголеми за повеќе од еден метар во наредните децении, предупредуваат истражувачите кои работат на климатските промени и наука за морето.
Поплавите во Венеција со години се жешко прашање, кое стана уште поактуелно по највисоката регистрирана плима во последните 50 години. Имено, во ноември 2019 година, Венеција била погодена од плима од 187 см и која предизвикала најлошата поплава во последните педесет години.
Само еднаш во историјата била повисока, во 1966 година, кога достигнала рекордни 194 см. Во нормални околности, висината на водата од 80 до 90 см генерално се смета за висока, но жителите и градската администрација успеваат да се справат со тоа без многу потешкотии.
Резултатите од студијата објавена оваа недела во списанието Natural Hazards and Earth System Sciences сугерираат дека ако климатските промени не забават значително, нивото на морето може да се зголеми и до 120 сантиметри до 2100 година, а екстремното сценарио предвидува зголемување од дури 170 сантиметри ..
Научниците предупредиле дека зголемувањето на нивото на морето треба итно да се земе предвид како дел од урбанистичкиот план на Венеција.
Италијанската влада инвестирала милијарди евра во контроверзен систем за заштита од поплави. Системот на подводни бариери, кои сочинуваат челични брани, наречен MOSE, за првпат беше успешно активиран минатата година. Проектот за негова изградба започнал дури 1984 година.