Најмоќниот сериски „AMG“ во историјата: Новиот „ѕвер“ на „Mercedes“ поседува 843 коњски сили

„Mercedes-AMG GT63 S E Performance“ има хибриден погон и забрзува до 100 км/ч. за 2,9 секунди.

Токму кога помисливме дека „Mercedes-AMG“ со моделот „GT63 S“ го достигна врвот, германскиот произведувач нѝ приреди ново изненадување. На сцена стапува „GT63 S E Performance“ со „plug-in“ хибриден погон со 4.0-литарски би-турбо V8, потпомогнат од електромотор на задната осовина.

Овој мотор е интегриран со двостепен менувач и електронски контролиран диференцијал со ограничено лизгање, а вкупната сила на погонскиот систем изнесува дури 843 коњски сили (620 kW), додека максималниот вртежен момент е цели 1.400 Nm!

Ова го прави „GT63 S E Performance“ најмоќниот продукциски „AMG“ модел во историјата, со исклучок на хиперспортскиот „Project One“ со Ф1 технологија.

Автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч. за само 2,9 секунди, додека максималната брзина е 316 км/ч.

Според фабричките податоци, благодарение на хибридниот погон, просечната потрошувачка е само 8,7 литри на 100 километри.

Германскиот производител не ги откри спецификациите на електромоторот, но изјави дека се напојува со електрична енергија од батерија со капацитет од 6,1 kWh чија маса е околу 90 килограми.

Автомобилот има и вграден полнач од 3,7 kW кој служи за да помогне побрзо да се наполни батеријата преку кабел.

Иако станува збор за „plug -in“ хибрид, поради малата батерија не треба да се смета на голема автономија при возење на електрична енергија – во чисто електричен режим, „GT63 E Performance“ може да помине само 12 километри.

Една од интересните карактеристики на батеријата е фактот дека користи течност за ладење која поединечно ги лади сите 560 ќелии. Околу 14 литри течност за ладење постојано течат низ батеријата со цел одржување на оптимална температура од 45 Целзиусови степени, без обѕир на тоа колку често се полни или празни.

Иако „Mercedes“ нѝ должи информации за цената на својот нов „ѕвер“, се очекува дека таа ќе се приближи до сумата од 200.000 евра, а со дополнителните опции секако и ќе ја надмине.

Слични Вести
Menu