Изградбата на големиот висечки мост Чанакале 1915, кој преку каналот Дарданели ќе ги спои Азија и Европа, е при крај, јавуваат турските медиуми.
Последниот сегмент од гредата на мостот, долг 48 метри, широк 45 и тежок 700 тони, беше доставен пред една недела со брод на градилиштето. Тој сегмент симболично беше украсен со турското знаме.
Камен темелникот на овој мост, кој ќе биде клучен дел на новиот автопат Кинали-Текирдаг-Чанакале-Севастепе го положи на 18 март 2017 турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Се очекува мостот да биде завршен точно пет години подоцна, на 18 март 2022 година.
Освен што спојува два континенти, овој мост го издвојува и најдолгиот распон во светот, кој меѓу двата главни пилони (високи по 318 метри) се протега до должина од дури 2.023 метри. Тоа е 32 метри повеќе од сè уште актуелниот рекордер, висечкиот мост Акаши каикјо во Јапонија (чија изградба заврши во 1998 година).
Мостот Чанакале 1915 вкупно ќе биде долг 3.563 метри, а со приодните вијадукти ќе достигне должина од 4.608 метри. Предвидено е да има три ленти за возење во секоја насока, заедно со тротоари кои на работниците ќе им служат за одржување на мостот.
Инаку, должината на главниот распон од 2.023 метри во себе има симболика, бидејќи ја претставува годината кога ќе биде 100-годишнината од Република Турција, која ја формира Мустафа Кемал Ататурк.
Симболиката тука не сопира. Самиот назив на мостот, Чанакале 1915, ѝ оддава почит на битката за Галиполе од Првата светска војна (која Турците ја викаат битка кај Чанакале според местото каде што се одвивала) и во која Турција ги поразила оружените сили на Антантата, главно од тогашната Британска империја.