Врховниот суд на Австралија донел одлука која ќе подигне голема прашина, како во Австралија така и низ остатокот на светот.
Имено, судот пресудил дека корисниците на Фејсбук се одговорни за сите коментари кои некој ќе ги остави под нивната објава.
Одлуката е всушност само потврда на судската пресуда на Врховниот суд на Њу Саут Велс од јуни 2019 година и истата може сериозно да го загрози начинот на кој функционираат социјалните мрежи (барем во Австралија). Ваквата одлука е само мал дел од големиот судски случај кој вклучува големи австралиски медиуми како „Sydney Morning Herald“, „The Australian“ и „The Age“.
Медиумите се нашле на суд кога ги тужел човек кој тврди дека други корисници го навредувале во објава на Фејсбук која била поврзана со веста која ја објавиле тие. Имено, неговото име се споменувало во текстот, а во коментари под објавата на текстот на Фејсбук се наведувале злосторства кои наводно ги сторил, иако подоцна се докажало дека тоа не е вистина.
„Судот донесе одлука дека, со креирање на јавна Фејсбук страница и објава на содржини, медиумите поттикнуваат, охрабруваат и помагаат во објавување на коментари од други корисници на Фејсбук и со тоа се „издавачи“ на тие коментари“, стои во пресудата од Врховниот суд.

Проблемот е што настанот се случил во 2016 година кога на Фејсбук не постоеше можност за исклучување на коментарите под некоја објава. Таквата опција е воведена дури оваа година.
Интересно е што тужителот никогаш не побарал од Фејсбук или медиумите да ги отстранат спорните коментари, што инаку било темел за подигнување на тужбата против медиумските компании.
Пресудата која сè уште не е конечна, подигна голема прашина бидејќи ја доведува во прашање слободата на говор, но и слободата на медиумите да споделат одредена содржина по пат на социјалните мрежи.