Луѓето најверојатно можат да живеат до 130-годишна возраст, а можеби и значително повеќе, но веројатноста за таква длабока старост засега е многу мала, покажуваат нови научни истражувања.
Горната граница на човечкиот живот е предмет на бројни истражувања и дискусии.
Една студија, заснована на медицински податоци од повеќе од 500.000 доброволци, објавена во јуни годинава во списанието „Nature Communications“, покажа дека горната граница на човечката возраст може да биде некаде помеѓу 120 и 150 години.
Но, некои научници веруваат дека не постои теоретска граница за времетраењето на човечкиот живот.
Нова студија, објавена во списанието „Royal Society Open Science“, анализирала податоци од „суперстогодишници“ односно луѓе постари од 110 години и податоци од „полу-суперстогодишници“, кои доживеале 105 години.
Ризикот од смрт обично се зголемува со возраста. Сепак, авторите на новата студија откриле дека престанува да расте по одредена возраст и запира со веројатност дека едно лице ќе умре наредната година, за што шансите се 50 наспроти 50.
„Човек со 110 години може да замисли дека веројатноста да живее уште една година е слична како кога фрла паричка“, изјавил за АФП, Ентони Дејвисон, професор по статистика на Швајцарскиот сојузен технолошки институт во Лозана (ЕПФЛ), кој го водел истражувањето.
„Ако се падне глава, тогаш ќе го дочекате следниот роденден, а ако не, тогаш ќе умрете во одреден момент следната година“, додава тој.
Врз основа на досегашните податоци, се чини дека луѓето можат да доживеат најмалку 130 години, но екстраполацијата од наодите имплицира дека не постои граница за човечкиот животен век, заклучува студијата.
Ваквите заклучоци одговараат на слични статистички анализи направени врз групи податоци за многу постари луѓе.