Владата на Црна Гора доби известување за поведување арбитражна постапка пред Арбитражниот суд во Лондон, иницирана од компанијата „Адријатик пропертис“, долгогодишен закупец на елитниот хотелски комплекс Свети Стефан – Милочер, која бара надомест од 100 милиони евра, пишуваат „Вијести“, повикувајќи се на извор од компанијата на бизнисмените Петрос Статис и Веи Сенг Пу.
На Владата ѝ бил даден рок од 30 дена да одговори на тужбените барања, кои биле доставени до меѓународниот суд со 50 страници докази.
Закупецот на хотелот-град „Свети Стефан“, Вилата Милочер, како и поранешниот хотел „Краљичина плажа“, каде што се гради нов хотел со 60 апартмани наменети за пазарот, бара да му се исплатат 100 милиони евра заради наводна повреда на договорот и неможност да работат. Сумата вклучува пари инвестирани во хотелскиот комплекс, како и загубен профит за оваа година и сите последователни до истекот на договорот за закуп.
„Адријатик пропертис“ и хотелскиот оператор Аман го затворија град-хотелот „Свети Стефан“ и Вила „Милочер“ откако Владата на Црна Гора не им даде гаранции дека плажите во рамките на хотелскиот комплекс ќе имаат хотелски режим како и во претходните 14 години, односно дека на гостите им се гарантира мир и дискреција.
На крајот на март, локалните жители ја скршија оградата што води до „Краличината плажа“, а таа плажа, како и „Кралевата“ и западната плажа Свети Стефан, беа дадени на користење на сите граѓани.
Од Адријатик велат дека ова е причината да се откажат од отворањето на Свети Стефан оваа година, а Вила „Милочер“ исто така беше затворена.
Заштитничката на имотните и правните интереси на Црна Гора, Бојана Ќировиќ, во изјава испратена до Стопанскиот суд, наведе дека „Адријатик пропертис“ нелегално го користат шеталиштето помеѓу „Краличината плажа“ и Аман спа центарот и јавниот пат што го поврзува Свети Стефан со брегот повеќе од 10 години, бидејќи јавните патишта не се опфатени со договорот за закуп.
„Свети Стефан хотели“ а.д. Будва, пак, немаат информации дека „Adriatic Properties“ покренале постапка пред Арбитражниот суд во Лондон против Црна Гора и велат дека информацијата ја дознале од медиумите.