Единствениот клуб во Италија кој има свој персонализиран авион не го продолжи договорот со приватната компанија од која го изнајмуваше истиот.
Бугарската приватна компанија Tayaranjet лани потпиша едногодишен договор со „Бјанкочелестите“ по што Лацио доби не само свој авион, туку и персонализиран во клупските бои и со клушското лого на самиот авион. Но, тој договор завршува во ноември, а клубот одлучи истиот да не го продолжи.
Лацио својот авион прв пат го искористи при ланското гостување кај Кротоне, околу 630 километри јужно од Рим. Во текот на целата преостаната ланска сезона Лацио на гостувањата патуваше со својот авион, како и на гостувањата од тековнава сезона.
Иако преговорите за нов договор со Tayaranjet не се прекинати, од самиот клуб не доаѓаат позитивни пораки. Првиот тим на гостувањата сезонава ќе продолжи да оди со друг превоз, најчесто со популарниот воз Фреча Роса кој го користат и останатите клубови. За подалечните натпревари ќе се изнајмуваат чартери авион од друга компанија.
Лацио беше првиот и засега единствениот италијански клуб со свој персонализиран авион, кој нажалост траеше само една година. Лани со многу помпа беше свечено означен првиот лет, но останатите клубови, а најмногу лутиот градски ривал Рома, со смеа го поздарвија потегот на Лацио шегувајќи се за староста на изнајмениот авион од бугарската компанија.