И покрај новиот албум и претстојната турнеја, легендарниот шведски бенд АББA најави дека ќе се распушти.
„Тоа е тоа“, изјави за „Гардијан“ членот на бендот Бени Андерсон (74).
„Овој втор распад е поинаков од оној што се случи во 1982 година. Тогаш не реков дека АББА никогаш повеќе нема да е заедно. Но, сега можам да ви кажам: овој пат е, дефинитивно, крајот“, додаде тој.
Сепак, светот има уште што да очекува бидејќи нивниот нов албум со 10 песни, Voyage, ќе биде објавен на 5 ноември, а во продажба се и билетите за придружната турнеја со истото име, која почнува во 2022 година.
Најавија и настапи со виртуелна презентација на свои ликови, таканаречените Абатари.
Новата песна Don’t Shut Me Down е веќе преслушана повеќе од 25 милиони пати на „Спотифај“, а I Still Have Faith in You повеќе од 15 милиони пати.
Големите хитови, како Dancing Queen, Gimme! Gimme! Gimme! и Mamma Mia, имаат деветцифрен број на слушатели на стриминг-платформите. Уште еден доказ дека песните на шведската супергрупа не излегуваат од мода.