Египет добива нова престолнина во пустината

Каиро наскоро повеќе нема да биде главен град на Египет, бидејќи претседателот на оваа земја Абдел Фатах ел Сиси нареди преместување на канцелариите во новата административна престолнина во пустината, која се гради од 2014 година.

Датумот на конечното преселување треба да биде први декември.

Тоа значи дека овој град ќе стане нов дом за 50.000 и 60.000 луѓе кои работат во државната администрација, вклучително и вработени во 33 министерства.

Египетскиот премиер Мустафа Мадбули претходно најави дека во текот на последниот квартал од 2021 година, работните групи ќе започнат со работа во новиот град, кој се наоѓа на 45 километри источно од сегашниот главен град, за да ја тестираат работата во новите згради и да се уверат дека се погодни за живеење и работа. Првично беше планирано да се започне со преселување во средината на минатата година, но коронавирусот ги наруши тие планови.

До идеја за изградба на нов главен град, лидерите на оваа држава дошле поради пренаселеноста на Каиро и проценуваат дека до средината на овој век во него би можеле да живеат дури 40 милиони жители.

Во првата, завршена фаза на работите, изградени се осум станбени населби на површина од 40.000 хектари во кои можат да живеат до 2,5 милиони луѓе. Во него има и област за членовите на Владата, дизајнирана во фараонски стил, Претставнички дом и многу национални и меѓународни училишта и универзитети.

Спортските и културно-уметничките објекти се завршени, а дел од знаменитостите на овој град ќе биде и Зелената река, која го пресекува срцето на главниот град и е долга 11 километри, а покрај нејзините брегови има паркови и ресторани, како и 20 облакодери вклучувајќи ја и најголемата зграда во Африка од 345 метри.

Слични Вести
Menu