Двејн Џонсон повеќе нема да користи вистинско оружје на сетовите

Познатиот холивудски актер Двејн Џонсон, попознат како Карпата, изјави дека по трагедијата на снимањето на филмот „Rust“ повеќе нема намера да користи вистинско оружје на снимањата, пишува CNN.

Џонсон истакна дека е длабоко потресен од трагедијата на снимањето на филмот „Rust“, и дека има намера да направи еден од првите чекори кои ќе донесат промени во холивудската филмска индустрија.

„Ќе почнеме да користиме гумени пиштоли, сè што не е снимено правилно ќе биде дополнително обработено во постпродукција. Не ни е грижа за заработката. Не ни е грижа колку ќе чини“, одлучно рече тој.

Алек Болдвин ненамерно ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза при снимањето на „Rust“ кон крајот на минатиот месец.

Болдвин од почетокот на истрагата соработува со полицијата и семејството на жртвата Хачинс, а наскоро ќе се знае зошто во пиштолот немало обични ќорци и кој ги ставил вистинските куршуми во оружјето.

Слични Вести
Menu