До крајот на годинава почеток на изградбата на контроверзниот париски триаголник

Изградбата на облакодерот Tour Triangle, дизајниран од швајцарското студио Herzog & de Meuron, конечно треба да почне во Париз, цели 15 години по првичното лансирање на проектот.

Градежната компанија Unibail-Rodamco-Westfield (URW) овој месец потпиша договор за партнерство со инвестициската група на француската осигурителна мултинационална компанија АКСА, обезбедувајќи финансиска поддршка за целосната цена на проектот од 670 милиони евра, пишува Dezeen.

Првичните градежни работи на парискиот триаголник висок 180 метри се очекува да почнат до крајот на оваа година и да завршат во 2026 година – дванаесет години подоцна од првично планираното.

Се предвидува дека триаголникот ќе биде највисокиот облакодер што се појавил на хоризонтот на центарот на Париз од 1973 година. Планирано да се наоѓа на авенијата Ернест-Ренан, зградата ќе содржи канцеларии, конференциски центар, продавници, ресторани и хотел.

Филип Гужон, градоначалникот на 15-тиот арондисман во кој ќе се наоѓа Триаголникот, ветил дека ќе апелира до градскиот совет да го одложи развојот на проектот, пишува францускиот весник Ouest-France.

Гужон тврди дека по почетокот на пандемијата Ковид-19, зградата повеќе не е релевантна за потребите на претприемништвото.

Во меѓувреме, Le Parisien минатиот месец откри дека француското Национално финансиско обвинителство покренало истрага за наводите за фаворизиран однос на канцеларијата на градоначалникот на Париз кон Viparis, компанијата која управува со локацијата Tour Triangle и е подружница на URW и трговско-индустриската комора Paris Ile-de-France.

Истрагата може дополнително да го одложи проектот, за кој URW претходно се надеваше дека ќе биде готов навреме за Олимпијадата во Париз во 2024 година.

Архитектонското биро Herzog & de Meuron првично почна со работа на Tour Triangle во 2006 година, но проектот беше одложен поради серија долги планирања и правни битки.

Поставен на 42 ката и зафаќа 91.351 квадратни метри, Триаголникот треба да стане третата највисока зграда на целата територија на градот Париз, зад Tour Monparnassea и Ајфеловата кула.

Неговата трапезоидна форма сугерира дека од центарот на Париз триаголникот ќе изгледа како тенка кула, но неговата целосна ширина ќе биде видлива од исток и запад.

Herzog & de Meuron наведува дека обликот на зградата – што некои ја споредуваат со пирамида во Лувр, парче Тоблерон или парче сирење – ги зголемува аглите на гледање за оние внатре, додека ја намалува големината на сенката што ја фрла на соседните згради.

„Го дизајниравме Триаголникот за Париз и парижаните. Она што најмногу сакаме да го постигнеме со оваа зграда е таа да биде отворена за сите и да ја вклучи целата заедница“, рекоа основачите на студијата Жак Херцог и Пјер де Меурон по склучувањето на договорот за финансирање помеѓу URW и AKSA.

Слични Вести
Menu