По големиот успех на „Тома“, најавено е снимањето на биографски филм за уште еден легендарен српски фолк пејач. Филмскиот центар на Србија објави дека финансиски ќе го поддржи филмскиот проект за Џеј Рамадановски. Филмот „Недела“, насловен според една од најпознатите песни на Рамадановски, ќе го снима младиот режисер Немања Ќераниќ.
„Возбудливата приказна за животот на Џеј Рамадановски е претставена без непотребна патетика, со впечатливи ликови. Сценариото се држи до важните факти од биографијата на Рамадановски и во него е прикажана суровата реалност со која пејачот бил принуден да се соочува“, објави Филмскиот центар на Србија.
Рамадановски, кој потекнувал од ромско семејство од Македонија, почина лани на 57 години.
Филмот „Тома“ на режисерот Драган Бјелогрлиќ ја воодушеви публиката на овие простори, за што сведочи големиот интерес во кината. Остварувањето за пејачот и боем, чија музика одбележа една епоха и субкултура, досега го гледаа повеќе од 600.000 луѓе, а таа бројка расте од ден на ден. Она што е познато е дека ќе имаме можност да ја гледаме и серијата „Тома“.
– Серијата има 8 епизоди, опфаќајќи ги сите сопруги на Тома. Го следи неговиот живот многу потемелно, и ќе има вкупно 400 минути материјал низ кој ќе биде прикажан Тома. Преносот ќе започне кон средината на есента – изјави сценаристот и режисер Зоран Лисинац.