Милијарди се во прашање: Маск би можел да го плати најголемиот данок во историјата на САД

Илон Маск, најбогатиот човек на светот, веројатно ќе го плати најголемиот данок во земјата, откако со години легално плаќал многу ниска сума на данок, пренесува „Бизнис Инсајдер“.

Се предвидува дека Маск, извршниот директор на „Тесла“, ќе плати над 8,2 милијарди долари данок на акциите кои ги продаде во 2021 година, проценува „Форбс“.

Поради тоа што продал речиси 13 милијарди долари во акции до 13 декември годинава, Маск би можел да го плати највисокиот данок во историјата на САД.

Ова доаѓа по неговата Твитер расправа со сенаторката Елизабет Ворен која во вторникот кажала дека извршниот директор на „Тесла“ треба да плати данок, пренесува „Бизнис Инсајдер“.

Претходно, Ворен на Твитер напишала: „Ајде да го смениме законот за данок кој ги привилегира богатите така што „личноста на годината“ всушност ќе плати данок и така ќе го симне товарот од сите останати“.

Директорот на „Тесла“ пласираше уште една смела изјава на Твитер тврдејќи дека оваа година ќе плати данок поголем од било кој Американец во историјата на САД.

Неговиот твит следел по конфликтот со демократската сенаторка Ворен која со години заговара за данок на богатство на чија мета се приходите на најбогатите граѓани на САД, но и нивните имоти.

„Кога би ги отвориле очите на две секунди би сфатиле дека оваа година ќе платам најголем данок во однос на било кој Американец во историјата“, напишал на Твитер Маск во одговор на реакцијата на Ворен по повод одлуката „Тајм“ да го прогласи за личност на годината.

Ексцентричниот милијардер во еден од своите одговори ја нарекол политичарката „сенаторка Карен“ при што терминот Карен во американски жаргон се користи како поим за бела жена за која се смета дека треба да има посебен третман или пак да има право на привилегија.

„Ме потсетува на времето кога бев дете и кога лутата мајка на мојот другар викаше на секого без причина. Ве молам, немојте да го викате директорот поради мене сенаторко Карен“, напишал Маск.

Данокот и милијардите кои веројатно ѝ ги должи на Калифорнија би можеле вкупно да изнесуваат неверојатни 12 милијарди долари, пренесува „Бизнис Инсајдер“

Слични Вести
Menu