Новак со родителите цели 17 години живееле под кирија и во тешка животна егзистенција

„Тоа не траеше две или три, туку цели 17 години. Се селевме од стан во стан. Тој мислеше дека сите тие станови се наши, a воопшто и не претпоставуваше дека бевме под кирија“ – откри, меѓу другото, татко на Новак, Срѓан Ѓоковиќ.

Новак Ѓоковиќ е еден од најпознатите светски тенисери на сите времиња, а според Forbеs се наоѓа на 46-тото место на најплатени спортисти во светот со заработувачка од 34,5 милиони долари. Целото богатство му е проценето на 220 милиони долари. 

Денес тој заедно со неговата сопруга Јелена и двете деца живеат во Монте Карло и уживаат во луксузен живот, но неговиот татко во неодамнешно интервју призна која е најголемата тајна што со години ја криеле од „малиот“ син.

Срѓан Ѓоковиќ во искрено интервју за неделникот „Експрес“ ја изненади јавноста.

Тој за првпат за време на долгогодишната кариера на неговиот син Новак, проговори за сите тешкотии што семејството морало да ги помине за да го поддржи синот на патот кон успехот. 

„Ние бевме обично српско семејство, што немаше никакви услови. Јас успеав да се измолам да ни дадат локал на Копаоник кога се отворија ‘Конаци’ за да имаме од што да живееме.

Така во декември 1989-тата година отворивме палачинкарница. Новак тогаш имаше година и пол. Со тоа што работевме таму успеавме да го спасиме целото семејство“ – раскажува тој, а пренесе Story.

Тој во интервјуто вели дека во моментот кога Новак наполнил 12 години, тој тропал на сите можни врати за да пронајде партнер и да му помогне на синот, односно да му ги обезбеди неопходните услови за напредување во кариерата со тенисот, но безуспешно.

Како што појаснува, тој верувал во својот син и никогаш не барал спонзори, туку партнери, што би вложиле, а потоа би имале можност да добиваат процент од заработката на Ноле.

За да не го поколебаат и за да му овозможат да биде во целост упорен и посветен на кариерата, Дијана и Срѓан со години во најголема тајност ја чувале вистината за нивната материјална состојба.

„Новак немаше поим што се случува и со какви проблеми се соочуваме. Тој беше заштитен како бела мечка.

Првата информација за тоа со какви проблеми се соочувавме додека тој растеше ја доби кога имаше 17 години.

Ние во еден период навистина живеевме на работ на егзистенцијата. Тоа не траеше две или три, туку цели 17 години.

Се селевме од стан во стан.

Тој мислеше дека сите тие станови се наши, воопшто и не претпоставуваше дека ги изнајмуваме, затоа што немавме пари да купиме свој стан, свој локал.

Сите пари што ги заработувавме ги вложувавме во него и во неговата кариера. Но, од друга страна, тој тоа на вистински начин го вреднуваше и ни врати. Ниту една секунда не злоупотреби“ – вели Срѓан.

Таткото на Новак понатаму открива дека цело време живеел во страв, затоа што неговиот син тренирал секој ден освен во недела по седум до осум часа.

„Се плашев што ќе се случи со неговото тело и дух, дали ќе биде доволно цврст и силен да се избори со проблемите со кои се среќаваше“ – вели тој.

Инаку, Срѓан открива дека за другите двајца браќа на Новак, Марко и Ѓорѓе, кои исто така се мошне талентирани тенисери, чувствувал дека нема повеќе енергија.

„Не можев повеќе. Новак ми ја собра целата енергија што ја имав“ – вели за крај Срѓан.

Инаку, иако Јелена и Новак поседуваат огромно богатство и луксузен имот, сепак, парот сака да живее скромно.

Слични Вести
Menu