Како Ѓоковиќ успеа да ја „победи“ Австралија? Помина ригорозен процес и си обезбеди учество на Австралија опен

Одредени тенисери добија медицински исклучок и ќе можат да играат на Австралија опен иако не се вакцинирани.

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ, откри дека и тој е во таа група и денеска потврди дека ќе биде дел од првиот гренд слем.

„Среќна Нова година на сите! Ви посакувам многу здравје, љубов, радост и среќа. Да гледате, да дишете и да мислите на љубов, да ја негувате почитта кон секого и секое живо суштество на оваа планета.

Ми годеше тоа што бев блиску до моето семејство и блиските луѓе, се одморив од долгата и успешна сезона во 2021-ва година. Сега тргам кон Австралија бидејќи добив исклучок и подготвен сум да живеам и да дишам за тенисот во наредните неколку недели. Ви благодарам на сите за поддршката“, напиша Ѓоковиќ на социјалната мрежа Инстаграм.

По тој повод се огласија и челниците на престижниот турнир во Мелбурн:

„Новак Ѓоковиќ бараше медицински исклучок кој беше одобрен по ригорозен процес. Го одобрија двајца одвоени независни панели на медицински експерти. Еден панел составен од експерти од областа на медицината на основа на предлог на Министерството за здравство на државата Викторија во кој се наоѓаа лекар по општа пракса, имунолог и епидемиолог. Кога кај нив доби одобрение, тогаш мораше да помине и друга комисија составена од експерти кои ги бираше Владата.

Чесните и независни протоколи се оформени за да се одлучи за медицинските исклучоци кои ќе ни донесат безбеден Австралија опен во кој сите ќе уживаме. Одлуките, донекаде се донесени од независни медицински експерти“, се наведува во соопштението.

Ѓоковиќ ќе се обиде да го освои рекордниот 21-ви гренд слем во Мелбурн на турнирот кој го освои веќе девет пати.

Инаку, Австралија опен почнува на 17, а завршува на 30 јануари.

Слични Вести
Menu