Британската Бакингемска палата ја претстави комплетната програма на прослави по повод 70-годишнината од владеењето на кралицата Елизабета.
Кралицата ќе стане првиот британски монарх што ќе го прослави платинестиот јубилеј на 6 февруари.
Уличните забави, концертите со некои од „најголемите ѕвезди на светот“ и можноста одблиску да се види резиденцијата на кралицата, се дел од планот за одбележување на нејзината 70-та година на тронот, јавува Би-Би-Си.
Сето ова ќе кулминира со четиридневен државен празник во Велика Британија, кој ќе трае од 2 до 5 јуни.
Првиот настан започнува денеска со натпревар за измислување нов пудинг.
Финалистите ќе ги оценува стручно жири, а победничкиот рецепт ќе и биде достапен на јавноста, јави Би-Би-Си, додавајќи дека пудингот ќе се ужива на големите јубилејни ручеци за време на викендот за национален празник.
Сепак, нема шаблон за славење на 70-годишното владеење на британскиот монарх, бидејќи тоа никогаш досега не се случило.
Најблиску до тој јубилеј била 63-та година од владеењето на кралицата Викторија, додека само во Франција во 18 век Луј XIV поминал 72 години на власт.