Сони го осети „земјотресот“ што го предизвика Мајкрософт на пазарот за видео игри

Откако американски Мајкрософт ја купи гејмерската куќа Activision Blizzard, вредноста на акциите на јапонскиот гигант СОНИ вчера падна на светските берзи за дури 10%.

Мајкрософт објави дека го купува Activision за 68,7 милијарди долари во готовина, со што стана трета по големина компанија за видео игри во светот. Ова е најголем еднодневен пад на акциите на Sony од светската финансиска криза, што го почувствуваа и другите јапонски конгломерати за забава со вкупен пад од 12,8 отсто, забележан вчера.

Мајкрософт ги презема популарните серии и наслови од гејмерската „кујна“ на Activision како што се Call of Duty, World of Warcraft, Warcraft, Candy Crush, Guitar Hero, Crash Bandicoot и Diablo, пренесува хрватскиот портал poslovni.hr.

Call of Duty само на Xbox?

Аквизицијата, исто така, предизвика гласини дека Call of Duty сега ќе биде достапна само за Xbox, што може да биде една од причините за падот на акциите на Sony, чија PlayStation сè уште е попопуларна конзола од Xbox на Microsoft. Но, тоа може да се промени сега.

„Ќе ги ставиме сите наслови на Activision Blizzard на Game Pass на конзолите и компјутерите на Xbox“, објави главниот човек на Xbox, Фил Спенсер. Ова е најголемата аквизиција во историјата на гејмерската индустрија со која Microsoft ги остава зад себе водечките компании Tencent и Sony. Експертите очекуваат дека стекнувањето на Activision ќе го преуреди брзорастечкиот пазар на видео игри и ќе предизвика неизбежни промени, пишува Pari.com.mk.

„Фајненшл тајмс“ објави дека веста за договорот предизвика бран на купување во јапонскиот гејминг сектор во текот на ноќта, при што уделите во Square Enix и Capcom се зголемија за повеќе од 3,5 проценти поради шпекулациите дека тие би можеле да станат цел за купување на Sony.

Акциите на Nintendo и Konami вчера се зголемија за дури 2,51 односно 3,25 отсто, бидејќи инвеститорите се обложија дека некои јапонски компании ќе го сметаат домашното спојување како одбранбена мерка против преземањето. Аналитичарот на индустријата за игри, Серкан Тото, смета дека падот на цената на акциите на Sony е типична претерана реакција на инвеститорите во индустријата за игри. Тој за „Фајненшл тајмс“ изјави дека „Сони“ сега треба да се префрли на компјутери и мобилни уреди и да се здобие со игри со повеќе играчи што може да се играат на тие платформи, што од друга страна е прилично скапо.

„Метаверзумот“ – новото бојно поле на „големите“ играчи

ИТ гигантот Мајкрософт се чини дека има амбициозни планови за наредниот период. Како и нејзините конкуренти, компанијата одлучи да се фокусира повеќе на виртуелната иднина и виртуелните онлајн светови, познат и како „метаверзум“ во кој луѓето можат да работат, да играат и да се дружат преку нивните аватари.

„Ова е значаен договор за страната на потрошувачите и што е уште поважно, купувањето на Activision од Мајкрософт навистина започнува „метаверзум“ трка. Веруваме дека ќе се постигне договор, но тоа привлече внимание и од регулаторна гледна точка“, предупреди Дејвид Вагнер, финансиски аналитичар и портфолио менаџер во Aptus Capital Advisors.

Технолошките компании од Microsoft до Nvidia се обложија на т.н метаверзумот, околу кој се „засили“ шумот кон крајот на минатата година, откако Facebook беше преименуван во Мета платформи, за да го истакне својот фокус на бизнисот со виртуелна реалност.

Според Refinitive, договорот помеѓу Microsoft и Activision би бил најголемото стекнување на готовина до сега, надминувајќи ја понудата на Баер од 63,9 милијарди долари за Монсанто во 2016 година и 60,4 милијарди долари понудени од InBev за Anheuser-Busch во 2008 година.

Слични Вести
Menu