(ФОТО) По тешка сообраќајна несреќа, 14 часовна операција , 7 дена кома, до фитнес шампион – ИВАН ИВАНОВ

Иван Иванов фитнес тренер и доказ дека ништо не може да те спречи да бидеш успешен кога го работиш она што го сакаш.  Иванов има 16 годишното искуство во полето на фитнесот и бодибилдингот!

По тешка сообраќајна несреќа, 14 часовна операција , 7 дена кома, месеци  во болнички кревет, тотално неподвижен со преку 20 фрактури на целото тело неговиот позитивен дух и упорност го издигнува повторно на врвот.

За NEWS 1 Иванов открива како да се успее, како и кога мислите дека „сте на дното“ може да се издигните и да продолжите да одите напред. Иван дава совети како до добра фигура, но открива и детали и како започнал да се занимава со боди билдинг.

NEWS1: Вие започнавте со боди билдинг во време кога во Македонија не беше толку распространет овој спорт, поточно немаше ни многу теретани. Од каде желбата токму за боди билдинг?

Иван Иванов: Желбата за спорт беше вродена во мене, како мал тренирав редовно тренирав фудбал, па потоа кошарка, но пикот на љубовта кон бодибилдингот мислам дека се појави со влегувањето во пубертет. Уште на мои 12 години памтам дека во задниот двор си направив сам импровизирани тегови и секојдневно правев склекови и стомачни но секако на тие години не знаев ништо околу вежбањето, исхраната и самиот спорт во целина. На 13 години, со самошто завршено основно образование, за прв пат влегов во теретана и уште добро се сеќавам какви чувства се разбудија во мене кои и ден денес се присутни на секој тренинг.

 

NEWS1: Животот е премрежје. Ни прави „сопки“ кога сме најуспешни? Дали и вие имавте ваков период и како се изборивте со премрежјето?

Иван Иванов: Бев во екот на натпреварувачката кариера, се припремав да заминам да работам како тренер во еден од најпрестижните фитнес клубови во Доха, Катар.
Токму тогаш ми се случи најголемата сопка – сообраќајната несреќа. Се разбудив после 7 дена кома, во болнички кревет, тотално неподвижен со преку 20 фрактури на целото тело, со соопштение од докторите дека е неверојатно што сум останал жив и дека по 14 часовна операција успеале да ме спасат, но и дека по закрепнувањето никогаш повеќе нема да можам да одам правилно, а камо ли да тренирам.

NEWS1: Успешно се носиме со познатите светски наградувани лица во боди билдинг. Има ли во Македонија успешни лица во овој спорт, како стоиме на европско светско ниво?

Иван Иванов: Секако дека имаме! Одличен пример за тоа се Зоран Колевски и Оливер Аџиевски, кои се натпреварувачи во ПРО лигата на ИФББ на интернационално ниво со одлични успеси, прочуени на светско ниво!

NEWS1: Поради светската пандемија, се повлековме, затворивме подолг период, ги намаливме контактите. Ова значи немаше теретани, немаше вежбање. Но, вие се досетивте на Онлајн тренинзи. Дали имаше интерес? Секако не е исто, но сепак имаше ли ефект овој начин на работа?

Иван Иванов: Не само на онлајн тренинзи, туку јас лично не дозволив пандемијата и мерките да не сопрат и носев своја опрема и тегови и одржував тренинзи со клиентите на отворено. За среќа бевме затворени во потоплиот период од годината па имаше услови за истото. Ефектот не може да биде ист како во добро опремена сала, но сепак е далеку подобро од седење дома и не-превземање ништо за нашето здравје и спортски дух.

NEWS1: Не е само вежбање, за правилно обликување на телото треба и правилна исхрана но и суплементација. Дали оние кои бараат совети се послушни?

Иван Иванов: Морам да кажам дека поголемиот дел од клиентите со кои што работев беа максимално дисциплинирани, но има и такви кои што свесно не практикуваат баш се онака како што тренерот им кажува, па затоа и треба да се свесни за последиците, односно дека неуспехот околу посакуваните резултати ќе треба да го носат на свој грб.

NEWS1: Имате ли за крај совет до сите кои го сакаат боди билдингот, но и за сите кои внимаваат на својата тежина?

Иван Иванов:  Мојот совет е да не се комплицираат непотребно работите. Хранете се здраво и редовно односно онака како што е докажано дека е најдобро, без специјални измислени диети и експерименти, и запомнете дека нема скратен пат!
Имајте максимална дисциплина и конзистентност во се она што го правите, како во исхраната така и со тренингот!

Слични Вести
Menu