Во Јапонија сала за венчавки од соништата

Изградена во форма на облак, салата Cloud of Luster во јапонскиот град Химеи е идеално место за оние кои сакаат да започнат еден од најважните денови во својот живот на неверојатно и уникатно место.

Како во сон, блескаво бела градба „лебди“ меѓу земјата и небото и чека во неа да бидат испишани првите страници од заедничкиот живот. Салата го претставува олицетворението на денот на свадбата: раскошот и гламурот, радоста и ведрината, соништата и надежите претставени се преку имагинативната форма на салата, преку транспарентност, леснотијата и рефлексија.

Новата, футуристичка сала се простира на површина од 245 метри квадратни и е дел од свечената свадбена сала „La-Vienne“ на островот Хоншу. Проектот е потпишан од компанијата „KTX archiLAB“.

Салата е опкружена со вода, со што се создава илузија дека објектот нежно лебди на нејзината површина. Рефлексијата на водата дополнително го подобрува впечатокот на леснотија и внесува нова димензија во околината.

Кривулестите патеки водат до главната зграда, која е целосно застаклена со панели кои ја следат заоблената форма и носат светлина од сите правци. Само помалиот простор каде што се наоѓа органата е заштитен со заоблен бел ѕид.

Во Јапонија постои посебно име за патеката која води до олтарот, а тоа е „девствена патека“. Патеката во салата „Cloud of Luster“ е направена од стаклени панели со позадинско осветлување, а останатиот дел од подот е направен од смола и стаклени топки кои светкаат на светлината.

Основата на салата се состои од поврзани кругови со дијаметар пет метри. Заоблените линии се присутни насекаде, од основата на објектот до носечките столбови кои нежно се стопуваат со кровот. Истите столбови се протегаат по патеката што води до салата, создавајќи хармоничен амбиент. Целата техничка опрема е сместена во подот за да не се наруши леснотијата и транспаретноста на објектот. Подни рефлектори се наредени околу столбовите за да се нагласи необичниот изглед на таванот.

Слични Вести
Menu