Откако минатата недела ги најави своите планови за електрификација, „Maserati“ денеска официјално го претстави долгоочекуваниот SUV модел „Grecale“.
За потсетување, неговата промоција требаше да се одржи на 16-ти ноември минатата година во Милано, но тогаш беше одлучено истата да се одложи поради глобалниот недостиг на полупроводници.
Во секој случај, „Grecale“ (наречен по медитеранскиот ветер) е SUV помал од сегашниот модел „Levante“, се базира на платформата „Giorgio“ која помеѓу останатите ја користи и „Alfa Romeo Stelvio“, а ќе се произведува во фабриката Касино во Италија.

„Grecale“ е долг 4846 мм, широк 1948 мм, висок 1670 мм и има меѓуосовинско растојание од 2901 мм.
Според претходните најави, новиот SUV ќе има најдобар сооднос моќност/тежина во својата класа, лесна платформа и „супериорно управување“.
На врвот на понудата е „Grecale Trofeo“ со 3.0-литарски твин-турбо V6 мотор со 523 коњски сили и 620 Nm (има и систем за деактивирање на цилиндрите), максималната брзина е 285 км/ч, додека за забрзувањето до 100 км/ч се потребни 3,8 секунди.

Подолу во гамата се „Grecale GT“ и „Grecale Modena“ со 2.0-литарски четирицилиндричен благ-хибриден погон (со 296 коњски сили и 325 коњски сили). „Grecale GT“ и „Grecale Modena“ достигнуваат 240 км/ч, а до 100 км/ч забрзуваат за 5,6 односно 5,3 секунди.
Сите варијанти се со погон на сите 4 тркала.
Исто така, тука се и двата дисплеја во внатрешноста (12,3 и 8,8 инчи), како и пет режими на возење (COMFORT, GT, SPORT, RACE и OFF-ROAD).

„Grecale“, меѓу другото, ќе му биде конкуренција на „Macan“ од „Porsche“, додека почетокот на продажбата е најавен за третиот квартал од оваа година (во САД на крајот на годината).
Подоцна пристигнува и целосно електричната верзија (електромотор со 800 Nm и батерии од 105 kWh).
Електричната верзија на новиот теренец „Grecale“ треба да пристигне во 2023 година, односно една година по стандардниот модел.
