„Форбс“: Маск е најбогатата личност во светот – може да ги купи сите НФЛ клубови и да му oстане „кусур“…

Според листата на „Форбс“ на најбогати луѓе на светот во реално време, нето вредноста на извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, сега изнесува околу 300 милијарди долари.

Тоа значи дека 50-годишниот Маск има повеќе од 100 милијарди долари вредност во однос на второпласираниот Џеф Безос, основач на „Амазон“ и сопственик на „Блу ориџин“.

Според листата на „Форбс“ богатството на Маск, најновиот член на управата на „Твитер“, вреди повеќе од легендарниот инвеститор и извршен директор на „Беркшир Хатавеј“, Ворен Бафет, кој започнал да инвестира во далечната 1941 година кога имал само 11 години. Тој поседува имот вреден околу 125 милијарди долари.

Богатството на Маск исто така вреди значително повеќе од заедничкото богатство на поранешните извршни директори на „Мајкрософт“, Бил Гејтс (136 милијарди долари) и Стив Балмер (100 милијарди долари). Истото важи и за коосновачите на „Гугл“, Лари Пејџ и Сергеј Брин кои имаат 120, односно 115 милијарди долари вреден имот.

Доколку Маск е љубител на спортот, би можел да ги купи сите 31 екипи на Националната фудбалска лига која вреди повеќе од 112 милијарди долари, според податоците на „Спортико“. И, уште би му останеле речиси 190 милијарди долари „кусур“, пренесува „Инвеститор“.

Маск вреди само околу 35 милијарди долари помалку од бруто домашниот производ на неговата родна Јужна Африка, чиј БДП е 335 милијарди долари според податоците на Светската банка. Масковото нето богатство ја надмина вредноста на БДП-то на Колумбија, Финска, Пакистан, Чиле и Португалија.

Маск е најбогатата личност на светот некогаш според „Форбс“. Сепак, некои историски експерти тврдат дека американските индустријалци од 19-ти и 20-ти век, како што се Џон Д. Рокфелер и Ендру Карнеги,  имале поголемо богатство кога истото ќе се приспособи на инфлацијата.

Слични Вести
Menu