Поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, денеска во Лондон ја сослуша пресудата.
Германскиот тениски великан Борис Бекер (54) е прогласен за виновен денеска на суд во Лондон по неколку точки обвиненија кои го теретеле дека не ги предал трофеите кои ги освоил во текот на кариерата за да ги исплати долговите, откако банкротирал.
Бекер е обвинет, сега осуден, дека не ги почитувал обврските кои ги имал да ги преземе, а кои му биле изречени од судот за да ги исплати долговите.

Шесткратниот Гренд слем шампион наводно не ги предал своите највредни трофеи, вклучувајќи го и пехарот од Вимблдон од 1985 година кој го лансираше во светот на ѕвездите на само 17-годишна возраст.

Исто така, иако му било наложено да го направи тоа, не ги предал ниту двата пехари од Австралија опен.
Бекер е обвинет за голема сума на пари која ја префрлал на други сметки, вклучувајќи ги сметките на двете поранешни сопруги, Барбара Бекер и Лили Бекер.
Германскиот ас и некогашен тренер на Ѓоковиќ прогласен е за виновен по четири точки од обвиненијата, а останува да се види дали казната ќе мора да ја отслужи во затвор.