Општата препорака е да ја смените четката за заби откако сте биле болни. Според лекарите, ова е особено важно ако се соочувате со инфекции како орален херпес, грип, болки во грлото и настинки, пишува „Хафингтон пост“.
Лекарите советуваат дека е добро да се исчисти целата куќа по времето минато со настинка. Препораките се однесуваат на менување на постелнината, перење на алиштата, пребришување на сите површини во домот – сѐ со цел да се отстранат непожелните бактерии. Но, истото важи и за четката за заби.
Четката за заби е еден од оние предмети што биле во директен контакт со микроорганизмите на настинката. Според американскиот стоматолог Гери Лиу, особено е важно да се земе нова четка, при присуство на заболувања како херпес, грип, болки во грлото, па тука спаѓа и обичната настинка.
Бактериите можат да живеат на четката од 24 часа до неколку седмици, зависно од видот на болеста или бактеријата. На пример, вирусот на грипот може да трае на четкичката за заби до три дена. Затоа, важно е четката да се смени, едноставно поради можноста од нова зараза.
Зошто не треба да се менува четката додека човекот е болен? Користењето на истата четка додека сте болни нема да ја продолжи лошата здравствена состојба. Исто така, погрешно е и да се покрива четката, бидејќи бактериите умираат во присуство на кислород.
slobodenpecat.mk