Базен на небо

Во јужниот дел од Лондон се гради луксузен комплекс од згради, а меѓу нив и базен, ама буквално на небо, досега не виден во светот – небески.

Долг е 25 метри, направен е од акрилик и виси 35 метри над земјата. Личи на аквариум, и скроз е проѕирен, така да оние кои пливаат во него ќе можат низ водата да ја набљудуваат гужвата во сообраќајот во Лондон и да имаат панорамска глетка. Исто така ќе се чувствуваат како да пливаат во воздух меѓу облаци. Базенот направен во стил на аквариум ќе биде исполнет со 148.000 литри вода. Базенот првенствено ќе може да го користат оние кои ќе купат стан во комплексот Ембаси Гарденс, што може да чини до 6 милиони долари. Во принцип, се што е убаво, се плаќа.

– Очекуваниот „небесен базен“ неодамна беше подигнат во Ембаси Гарденс од еден од најголемите мобилни кранови во светот. Кранот има носивост од 750 тони. Акрилната структура помина низ ригорозно хидростатичко тестирање: безбедносни фактори 20 пати пообемни од оние што би се изведувале на типична конструкција за пешаци или мост. Мојата визија за овој базен произлезе од желбата да се надминат границите во можноста за градење и инженерство. Сакав да направам нешто што никогаш не било направено претходно. Транспарентната структура на овој базен е резултат на значително напредување во технологиите во последната деценија. Искуството на базенот ќе биде навистина уникатно; луѓето ќе се чувствуваат како да лебдат во воздухот над центарот на Лондон – изјави Шон Мулријан, извршниот директор на групацијата „Балимор“, која го реализира проектот.

– Освен базенот, дополнителните станбени удобности што ќе ги нуди Ембаси Гарденс вклучуваат затворен базен, сала за вежбање, простории за работа и простории за состаноци, како и спа-центри – пишува Ембаси Гарденс на својот инстаграм-профил.

Извор: Bored Panda
Фотографии: Embassy Gardens

You might also like
Menu