Езеро Комо-огледало на луксузот

Леднички езера или со други имиња наречени глечерски или глацијални, претставуваат природни езера кои настанале со топење на мразот. Најчесто се наоѓаат на високите планини и повеќето од нив се со мала површина. Едно од нив е езерото Комо, кое има ледничко потекло во Ломбардија, Италија. Овој природен бисер има доста студена и бистра вода, со исклучителна убавина. Имено, ова интересно езеро претставува „магнет“ за многу туристи и посетители. Вистинското италијанско име на езерото е Lario, но ова име многу ретко се употребува. Обично, езерото се нарекува Lago di Como’ што во превод значи „Езеро Комо“. Зафаќа површина од 146 km2  и со тоа е трето по големина во Италија, по езерата Гарда и Маџоре. Со своите 410 m, ова езеро е едно од најдлабоките езера во Европа. Она што е интересно за ова езеро е тоа што има многу специфичен облик, како превртена  буква „Y“. Истото можете да го забележите на следната карта.

Северниот ракавец почнува од градот Колико, додека градовите Комо и Леко се наоѓаат на краевите на југозападниот, односно југоисточниот ракавец. Во поголем дел, езерото го полни реката Ада, која се влива близу градот Колико, а истекува кај градот Леко. Ова значи дека југозападниот ракавец е всушност слеп завршеток, бидејќи Комо, за разлика од Леко, често е поплавен. Со својата средишна позиција во Ломбардија, ова прекрасно езеро е популарно летувалиште уште од дамнешното римско време, а денес е познато како најатрактивна дестинација за одмор на славните личности. Колку езерото Комо е атрактивно и популарно, сведочат и бројните луксузни вили и домови на познатите личности. Џорџ Клуни, Мадона и Донатела Версаче се само дел од светските ѕвезди кои поседуваат имот, односно луксузни вили на ова популарно езеро. Шармантниот град Комо е лоциран на јужната страна на истоименото езеро, кој пак се наоѓа на само 40-на km од Милано.

Атмосферата е пријатна и романтична, карактеристична за културно-интелектуалниот живот на Италијаните. Една од причините е неверојатната природа и фасцинантните пејсажи до недоглед. Обиколката на езерото со дрвено бротче е најдобриот начин да ги видите речиси сите вили, како и историските градови кои се собрани околу брегот на Комо. Не е изненадувачки факт, ако кажеме дека Комо е најатрактивен во лето, кога има и најголем број туристи. Ако пак сте љубител на помирен одмор, без гужви, тогаш идеален период да го посетите е есента, кога природата е обоена во сите земјени тонови. Тогаш, едноставно пејзажот блеска со некоја посебна магија и убавина. Доколку ве фасцинираат токму пејсажите, не смеете да пропуштите да се искачите на жичарата Como-Brunate и да го искусите најубавиот поглед на градот и езерото.

Од друга страна, доколку сте расположени за шетање, може да одите на прошетка во правец на светилникот и на секој чекор да ја набљудувате вонземската природа околу вас. Честопати, туристите овде со брод ја посетуваат и познатата вила „Villi del Balbaniello“ која е една од локациите каде е снимен филмот „Casino Royale“. Оние кои барем еднаш биле тука, велат дека се чувствуваат рајски, бидејќи погледот од секој агол е воодушевувачки. Исто така, импресивните градини се она што ги импресионира посетителите.

Извор: igeografija.mk

You might also like
Menu