Лондонскиот Биг Бен ќе заѕвони за да ја означи Новата година и Брегзит

Поради пандемијата на новиот коронавирус, годинава откажан е огнометот во центарот на Лондон, на бреговите на Темза кој секоја година го следат околу 100.000 луѓе. Но познатото ѕвоно  Биг Бен тешко 13,7 тони , кое во моментов се реновира, ќе се огласи по повод Новата година, кога ќе го означи излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

Биг Бен, како што популарно го нарекуваат големото ѕвоно во кулата на Елизабета во британскиот Парламент, на 31 декември на полноќ вообичаено ќе заѕвони 12 пати, за да го означи почетокот на Новата година  но и во 23:00 часот по лондонско време (полноќ по средноевропско време), за да се провери механизмот, кога и воедно завршува преодниот период по Брегзит, кој се случи на 31 јануари, соопшти британскиот Парламент.

Велика Британија во тој период продолжи да ги применува европските правила, а во исто време преговара за своите идни трговски врски со ЕУ. Преговорите сè уште не се завршени, неколку дена пред предвидениот рок.

Кулата Елизабета, завршена во 1859 година, е во фаза на обнова која почна во 2017 година, така што Британците не го слушаат ѕвоното освен во ретки прилики, како што беше последниот пат на 11 ноември, кога беше одбележана годишнината од крајот на Првата светска војна во 1918 година.

И покрај упорните напори на поддржувачите на Брегзит, Биг Бен не заѕвони на 31 јануари, кога Велика Британија ја напушти ЕУ.Со цел да се провери механизмот, ѕвоното ќе ѕвони со прекини на 29 и 30 декември, потоа во предвиденото време на 31 декември, а и во 23:00 часот, кога земјата ќе ја напушти ЕУ.

You might also like
Menu