Стрес, пубертет, средства за контрацепција – постојат многу можни причини за промени во менструалниот циклус и најчесто нема простор за грижа, но не ги избегнувајте редовните контроли за да бидете сигурни.

Повеќето жени и девојки се загрижени кога ќе им задоцни менструацијата, но и нејзиното подранување знае да биде загрижувачко.
Во просек, менструалниот циклус трае 28 дена, но овој број може да варира од разни фактори. Сепак, ако имате редовна менструација, сигурно ќе се загрижите ако некогаш почне порано.
Во голем број од случаите, ваквите промени не се страшни доколку се ретки и поврзани со некои од помалку сериозните причини, но следете ги промените и не ги избегнувајте редовните контроли за да бидете сигурни во вашето здравје.
Па, кои се можните причини за ова?
Стрес
Стресот влијае врз овулацијата и обично ја одложува и предизвикува доцнење на менструацијата. Интензивниот стрес влијае и врз вашите хормони, па поради тоа може да предизвика порано почнување на менструацијата.
Промена на телесната тежина
Ако драстично сте ја промениле тежината, без разлика дали сте ослабеле или сте се поправиле, тоа може да влијае врз вашите хормони, а со тоа и врз менструалниот циклус.
Наглата промена на тежината може да предизвика задоцнување, но и подранување на менструацијата.

Пубертет
Ако уште сте во пубертетските години, нормално е менструацијата да не ви биде редовна, односно да ја добивате порано или подоцна. Бидејќи телото уште е во фаза на развој, нивото на хормоните се менува и ова влијае врз менструалниот циклус. Сепак, нормална промена е од неколку дена, не подолг период.
Перименопауза
Перименопаузата обично се појавува во 40-тата година и доаѓа со цела низа хормонални промени. Жените кај кои почнала перименопаузата можат да се соочат со нередовна овулација, а ова може да предизвика пократки менструални циклуси, или доцнење и подранување на менструацијата.
Истовремено, во овој период од животот количеството хормонот прогестерон, кој се лачи со овулацијата, се намалува, а ова е уште една причина за подранета или задоцнета менструација.

Средства за контрацепција
Ако користите хормонални средства за контрацепција кои имаат естроген и прогестин и сте прескокнале една доза, многу веројатно е вашата менструација да подрани. Причината е тоа што наеднаш сте го намалиле нивото на прогестин во организмот, па почнувате да крвавите.
Пилули за „ден потоа“
Овие пилули функционираат така што ја одложуваат овулацијата – кога нема да се ослободи јајце клетка, ќе нема ни што да се оплоди, па се избегнува бременоста.
Овие пилули можат да предизвикаат хормонални промени кои резултираат со подранета или задоцнета менструација.

Синдром на полицистични јајници
Ова хормонално нарушување може да влијае врз менструалниот циклус и да го направи пократок или подолг.
Сексуално преносливи болести
Некои сексуално преносливи болести, како кламидијата, можат да предизвикаат иритација на матката и крвавење. Важно е да знаете дека во овој случај не станува збор за менструација и најчесто се јавуваат и симптоми како болка за време на секс, печење кога уринирате, болка во стомакот и вагинален исцедок.
Ако ги имате овие симптоми, веднаш одете на лекар.

Ендометриоза
Ова е нарушување при кое ткивото што се наоѓа на матката почнува да расте надвор од неа. Нарушувањето често е придружено со многу болни менструации, па дури и неплодност.
Некогаш може да предизвика крвавење помеѓу две менструации, кое жените обично грешно го сметаат да подранета менструација.
Крвавење од имплантација
Имплантацијата се случува на почетокот од бременоста, кога оплодената јајце клетка се „закачува“ за матката. Некогаш овој процес предизвикува слабо крвавење, кое може да се појави неколку денови пред датумот за вашата менструација.
Ако сметате дека ова е причината, најдобро е да купите тест за бременост и да одите на гинеколог.

Веројатно постојат и многу други причини за доцнење на менструацијата и не секогаш е лесно да одредите која е вашата. Ако сте загрижени за промените во менструалниот циклус, најдобро е да се консултирате со гинеколог.
Ако менструацијата ви подранила само еднаш, најверојатно причината е стрес или некоја слична промена и нема простор за грижа. Но, ако ова ви се случува редовно, или ако задоцувањето/подранувањето е повеќе од неколку дена, најдобро е да одите на лекар, особено ако подранувањето е придружено и со други симптоми, како болки.
И, нормално, не земајте лекови, хормонални средства за контрацепција и слично без да се консултирате со лекар.