Го сметаат за ново архитектонско чудо и тоа со право. Овој необичен инженерски потфат се наоѓа под Атлантскиот океан, во тунелот долг 11 километри под океанот кој поврзува 2 од 18-те Фарски острови. Тунелот „Ејстуројар“ се наоѓа на 189 метри под морското ниво во океанот и разубавен е со инсталација од локалниот уметник Трондур Патурсон.
Во 2014 година, Парламентот на Фарските Острови ги одобри плановите за изградба на тунел кој ќе ја поврзува престолнината Торшавн со две места на островот Ејстуројар – Рунавик и Стендур.
Тунелот го скрати растојанието помеѓу Торшавн кој се наоѓа на најголемиот и најнаселен остров Стрејмор, од две села на островот Ејстуројар од 55 на 17 километри што во просек значи пократок пат од еден час на 16 минути.
Во изградба е уште еден тунел кој ќе ги поврзе островите Стрејмој и Сандој. Тунелскиот систем е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на Фарските Острови и истиот се планира да биде готов до 2024 година.
Вредноста на овие два тунела се проценува на 265 милиони долари.
Работите на тунелот кон Ејстуројар беа планирани да завршат до почетокот на 2021 година, но тие беа завршени пред крајниот рок. Што се однесува до вториот тунел, околу 60 проценти од работата е веќе завршена.