Една потполно поинаква новогодишна желба

Првите денови од Новата година се исполнети со многу желби и честитки. Сите имаме желби и цели кои посакуваме да ги оствариме во Новата година. Обично тие подразбираат пронаоѓање љубов, успех во кариерата и личен напредок. Но, оваа новогодишна желба е сосема поинаква од останатите. Таа ќе ги разбуди вашите позитивни мисли и ќе ви послужи како патоказ до светот во кој би сакале да живеете. Прочитајте ја оваа необична новогодишна желба од анонимен автор и доколку ви се допаѓа, споделете ја

Нема да ви посакам среќа, бидејќи луѓето имаат различно мислење за среќата. Наместо тоа ќе ви посакам тишина, бидејќи тишината е местото каде што ќе сфатите каде се крие вашата среќа.

  •  

Би било убаво да ви посакам здравје, но тоа е празна желба ако вие самите не разберете од каде тоа доаѓа. Не правете си го на себеси тоа што коренот никогаш не би им го направил на гранките од неговото дрво. Слушајте го вашето тело, бидејќи тоа постојано ви ги шепоти зборовите на здравјето. Ви посакувам доволно тишина за да го чуете тој шепот и здравје на оние што ги сакате.

Не ми ни паѓа на памет да ви посакам многу пари, бидејќи тие никого не го направиле среќен. Но ако толку ви значат, ќе ви посакам она што го работите да вроди плод.

Кога мојата желба би можела да ви даде сила да ги совладате сите пречки и неволји што ве очекуваат, силно би ви го посакала токму тоа! Но, силата никој не може да ви ја даде, ако не ја пронајдете самите во вас.

И најпосле ви ја посакувам најголемата желба од сите желби на светот: Ви посакувам во вашето срце да заживее љубовта.

Можеби не забележавте, но токму тоа ви го зборувам цело време! Што е љубовта ако не нашиот најдлабок корен кој ги поврзува сите луѓе и сите живи битија на овој свет. Од љубовта настануваат среќата, мирот, силата, мудроста, радоста и здравјето. Љубовта нема имиња, род, пол, раса или националност, но е  е сила која најдобро нѐ поврзува  и ни го дава сето она по кое копнееме.

И затоа од се срце ви посакувам Новата 2021 година да ви биде исполнета со љубов.

Слични Вести
Menu